Свет 04. февруари 2020. / 11:51

Последици од Брегзит: Екстремната десница има повеќе европратеници од „зелените“

Последици од Брегзит: Екстремната десница има повеќе европратеници од „зелените“

Со заминувањето на британските европратеници, односот на сили помеѓу политичките партии во Европскиот Парламент се менува, односно екстремната десница сега ги надминува Зелените.

Европскиот Парламент од 31 јануари, денот на Брегзит, има 705 пратеници наместо 751, а новиот распоред на седишта во домот на европските пратеници носи значителни политички промени. Па така, групата на Зелените која беше четврта сила до сега изгуби седум седишта и падна на 63, додека екстремно десната партија „Идентитет и демократија“ добива три седишта и се искачува на 73 пратеници.

Но, за разлика од другите политички сили во Европскиот Парламент, екстремната десница е расцепкана и нема една единствена платформа. Покрај „Идентитет и демократија“, постојат уште неколку групи од крајната десница кои не успеваат да се обединат.

Заминувањето на Британците остави 73 седишта што треба да се пополнат. Победник на новиот распоред е групата на Либералите позната под новото име „Обнова Европа“.

Либералите добиваат шест дополнителни седишта кои ќе им бидат доделени на дански, ирски, шпански, италијански и француски европратеници.

Европската народна партија добива пет нови пратеници, социјалдемократите четири, а партијата на конзервативците – три.

Важно е да се напомене дека не сите поранешни британски седишта се прераспоредени. Само 27 се дистрибуирани, останатите се чуваат во резерва за идните земји членки на ЕУ.