Од полноќ меѓу 31 јануари и први февруари, Велика Британија повеќе не е дел од Европската унија. Овој момент на британскиот остров се дочека со мешавина од радост, лутина и рамнодушност, пренесув аат британските медиуми.
Од полноќ Европската унија губи 15 отсто од својата економија, својот најголем воен потрошувач и престолнината на меѓународниот финански капитал-Лондон.
Велика Британија, пак, мора да почне да го трасира курсот за следните генерации.
Знамето на Европската унија веќе е отстрането од постојаната мисија на Велика Британија во Брисел, како и од пред зградите на Европскиот совет и Европскиот парламент во Брисел.
Унијата ќе остане со 27 члена. Ова е првпат членка на ЕУ да ја напушти заедницата од нејзиното создавање.
Британскиот премиер Борис Џонсон планира излегувањето од ЕУ да го прослави со англиско пенливо вино и британски канапеи, вклучувајќи ги и шропширското сино сирење и јоркширскиот пудинг со говедско и рен.
– Ова е момент кога се буди зората и се крева завесата на новиот чин. Ова е момент на вистинската национална обнова и промена – изјави Џонсон, еден од лидерите на кампањата за напуштање на ЕУ на референудмот во 2016 година.
Најмоќната европска лидерка, канцеларката Ангела Меркел изјави дека Брегзит претставува „пресвртница“ за ЕУ, но дека Германија сака да остане британски партнер и пријател.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, вечерва ќе се обрати на телевизија за да го одбележи овој „тажен и историски ден“.
Вашингтон, меѓутоа, соопшти дека Британците сакаа да побегнат од „тиранијата“ на Брисел.