Свет 03. август 2020. / 22:00

Поранешниот крал на Шпанија, Хуан Карлос ја напушта земјата поради финансиски скандал

Поранешниот крал на Шпанија, Хуан Карлос ја напушта земјата поради финансиски скандал

Поранешниот крал на Шпанија Хуан Карлос Први изјави дека ја напушта Шпанија и дека ќе живее во друга земја поради финансискиот скандал во кој се наоѓа.

Писмо од Хуан Карлос до неговиот син, кралот Фелипе VI, денеска беше објавено на веб-страницата на шпанското кралско семејство, во кое го информира за „промислената одлука да ја напушти Шпанија во овој период“.

Откако Врховниот суд на Шпанија ја отвори истрагата оваа година, шпанските медиуми објавуваат сведочења од посебна истрага во Швајцарија, за милиони евра што Хуан Карлос наводно ги добил од починатиот крал на Саудиска Арабија, Абдула.

Хуан Карлос тогаш, наводно, префрлил голем дел од тие пари на поранешен пријател, за кој иследниците сметаат дека е можен обид да се сокријат парите од властите.

Финансискиот скандал, вклучително и истрагите во Шпанија и Швајцарија, неодамна шпанскиот премиер Педро Санчез го опиша како „вознемирувачки“.

Поранешниот 82-годишен крал се смета за заслужен за помагање на Шпанија во обновата на демократијата по смртта на повеќедеценискиот фашистички диктатор Франциско Франко во 1975 година.

Сепак, тој абдицираше во корист на својот син во 2014 година, по скандалите што ги одбележаа последните години од неговото владеење. Така тој го изгуби имунитетот што Уставот му го гарантира на шефот на државата.

По наводите во медиумите дека кралот Фелипе бил обележан како корисник на оф-шор сметка, со 65 милиони евра од подарокот што неговиот татко го добил од Саудиска Арабија, тој се одрекол од секое наследство што може да го добие од поранешниот крал.