Свет 14. јануари 2021. / 11:52

Помпео: Трамп треба да ја добие Нобеловата награда за мир

Помпео: Трамп треба да ја добие Нобеловата награда за мир

Американскиот државен секретар во заминување Мајк Помпео оцени дека наскоро досегашниот претседател на САД Доналд Трамп би требало да ја добие Нобеловата награда за мир за промовирањето на арапско-израелскиот мир.

Помпео ова го предложи на Твитер за време на седницата на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес на која по вторпат беше изгласано отповикување на Трамп, поради неговата улога во немирите минатата среда, кога неговите поддржувачи упаднаа во Капитол. Во немирите загинаа пет лица.

Трамп и неговите сојузници не ја кријат желбата претседателот во заминување да ја добие Нобеловата награда за мир.

Кампањата во име на Трамп неколку пати предизвика негодување бидејќи самопромоцијата за таа награда се смета за непримерна.

Помпео на Твитер објави фотографија на која Трамп мавта од балконот на Белата куќа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и високи претставници на Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.

 

Фотографијата е направена во септември минатата година кога Израел ги нормализираше односите со ОАЕ и Бахреин според договорот за кој преговараше високиот советник и зет на Трамп Џаред Кушнер.