Свет 21. ноември 2020. / 20:24

Помпео се сретна со претставници на Талибанците и Авганистанската влада

Помпео се сретна со претставници на Талибанците и Авганистанската влада

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, денеска во Доха оствари средби со преговарачи од Авганистанската влада и на Талибанците.

Во текот на разговорите на Помпео со претставниците на власта и талибанците, се случија околу 20 ракетни напади во главниот град на Авганистан, Кабул, при што беа убиени најмалку осуммина.

Одоговорност за нападот презеде Исламската држава.

Американскиот државен секретар оствари посебни средби со двете страни во луксузен хотел во Доха, Катар.

– Би бил многу заинтересиран да ги слушнам вашите мислења за како би можеле да ја зголемиме веројатноста за успешен исход од договорот, рече Помпео на средбата со Владините претставници, нагласувајќи го силниот интерес за остварување на такво сценарио.

Мајк Помпео важи за еден од најблиските соработници на претседателот Доналд Трамп и еден од главните негови претставници за надворешно-политичките прашања. Тие двајца заедно го делат ставот дека е време за се стави крај на „вечните војни“ низ Блискиот исток и низ целиот свет.

Успехот на надворешната политика на Трамп се покажа на дело во овие четири години, бидејќи претседателот успеа да поттикне потпишување на договори помеѓу држави и страни каде што истите се сметаа за невозможни. Такви примери се договорите помеѓу Косово и Србија; Израел, ОАЕ и Бахреин; а од неодамна и изнаоѓањето на решение за прекин на конфликтот во Авганистан.

Талибанците и Авганистанската влада немаа никакви средби и никаков контакт се до пред неколку години, кога со интервенција на САД и администрацијата на Доналд Трамп, тие седнаа на заедничка маса и започнаа преговори за воспоставување на мир во земјата.

Пред неколку дена, Пентагон изјави дека ги повлекува своите сили од Ирак и Авганистан, а се планира до Божиќ да бидат повлечени сите војници од Авганистан.