Свет 07. ноември 2019. / 15:46

Помпео бара зголемување на притисокот врз Иран

Помпео бара зголемување на притисокот врз Иран

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ја повика меѓународната заедница да преземе „сериозни чекори за зголемување на притисокот врз Иран“, откако Техеран продолжи со збогатување ураниум во нуклеарна постројка Фордо.

Шефот на американската дипломатија вели дека „нуклеарните ескалации на Иран“ се насочени да извршат изнуда од меѓународната заедница и оти САД „никогаш нема да дозволат тоа да се случи“. САД, веќе подолг период го обвинуваат Иран дека се обидува да создаде услови за брз развој на нуклеарно оружје.

– Проширувањето на иранските активности (…) предизвикува загриженост дека Техеран е во позиција да има опција за брз нуклеарен пробив. Сега е време сите нации да ја отфрлат нуклеарната уцена на режимот и да преземат сериозни чекори за зголемување на притисокот – се посочува во писмената изјава на американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Иран од вчера почна вбризгување на ураниумски гас во центрифугите. Тоа е четврти чекор на Техеран за намалување на почитувањето на обврските од нуклеарниот договор потпишан со светските сили во 2015 година.