Свет 24. мај 2020. / 21:15

Половина од работниците во светот се изложени на ризик да ја загубат работата поради пандемијата

Половина од работниците во светот се изложени на ризик да ја загубат работата поради пандемијата

Податоците на Меѓународната организација на трудот (МОТ) покажуваат дека речиси половина од работниците во светот се изложени на непосреден ризик да ги загубат работните места како резултат на пандемијата Ковид-19.

Загубите на работните места веројатно ќе ги погодат сите земји на планетата, како резултат на катастрофалното негативно економско влијание на коронакризата врз економската активност.

Според „МОТ“, глобалната работна сила брои околу 3,3 милијарди луѓе, а 1,6 милијарди работници се изложени на ризик да ги загубат своите работни места и средствата за егзистенција, кога ќе бидат земени во предвид вработените во неформалната економија и оние на дното на скалата по ниво на плата.

Неформалната економија ги вклучува „непријавени работници“ за кои работодавачите не плаќаат даноци на државата и на кои Владата има потешкотии да ги следи, а кои сочинуваат огромен дел од економиите во развој.

За милиони работници загубата на приход не значи храна, нема безбедност и иднина. Милиони бизниси ширум светот едвај дишат – изјави неодамна генералниот директор на „МОТ“, Гај Рајдер.

Поради ограничувањата на движењето, фабриките ширум светот привремено престанаа со производство и компаниите престанаа да работат, испраќајќи ги работниците на принудно отсуство, но многу компании исто така отпуштаа со цел да ги намалат трошоците и да ја надминат кророна-кризата.

Само во Соединетите држави, околу 40 милиони луѓе аплицирале за бенефиции за невработеност од 16 март, кога била прогласена вонредна состојба, до средината на мај. Во Канада се изгубени 226.700 работни места само во април, а 17.200 Канаѓани ги загубиле своите работни места во втората половина на март. Во Русија, според проценките на Министерството за труд, се очекува поради затворањето на компанииите бројот на невработени да скокне од сегашните 1,6 милиони на 2,5 милиони луѓе.

Според минатонеделните податоци од Канцеларијата за национална статистика, во Велика Британија бројот на апликанти за државна помош заради невработеност достигнал 2,09 милиони луѓе.

Според „МОТ“, повеќе од 436 милиони компании ширум светот се соочуваат со сериозни нарушувања на работата поради пандемијата. Тие главно работат во секторите кои се најтешко погодени, со 232 милиони компании во трговија на големо и мало, 111 милиони во производството, 51 милиони во услуги за сместување и храна и 42 милиони во секторот недвижнини и други. „МОТ“ предвидува дека бројот на работни часови во светот во вториот квартал од оваа година ќе биде за 10,5 проценти помал во однос на последниот квартал пред кризата, што претставува 305 милиони работни места со полно работно време.

Пандемијата на корона вирусот не само што однесе 341.000 животи и го загрози здравјето на 5,3 милиони луѓе, туку се претвори од здравствена криза во глобална криза на пазарот на трудот и економска криза која се заканува да го натера светот да влезе во најдлабоката рецесија од триесетите години од минатиот век.

Според предвидувањата на меѓународните финансиски институции, светската економија би можела да забележи пад од 2,5 на 3,0 проценти во оваа година, додека Обединетите нации предвидуваат рецесија од дури 3,2 проценти.

За обичниот свет, тоа значи дека нема да има работа. „МОТ“ вели дека зголемувањето на глобалната невработеност во текот на 2020 година во голема мерка ќе зависи од динамиката на светската економија во втората половина од годината и колку ефективни ќе бидат мерките на владите за зачувување на постојните работни места.