Свет 16. април 2020. / 13:29

Половина бегалски камп во Германија со корона вирус

Половина бегалски камп во Германија со корона вирус

Близу половинате од 600 бегалци во бегалски камп во Јужна Германиј дале позитивни резулати на тестовите за корона вирус, соопшти бриселското електронско издание на ЕУ Обзервер. До редакцијата се обратило лице од кампот „Елванген“ во провинцијата Баден-Витенберг и раскажал дека моментно барем 200 луѓе се заразени, додека минатата недела биле седуммина.

Луѓето во кампот живеат по неколкумина во соба и тешко можат да одржуваат дистанца меѓу себе.

-Стравуваме да јадеме и меѓусебно се сомневаме дека секој може да е преносител на зараза, напишал во електронско соопштение изворот на информацијата.

Локалните власти веќе соопштија дека ќе спроведат масовно истражување за да утврдат кои се носителите на вирусот. Целиот камп е под карантин од почетокот на април и полицајци дежураат околу него.

-Тие на луѓето гледаат како на опасност и сметаат дека решението е полицијата да не пушта никого да излегува и влегува, изјави на адреса на локалните власти Шон Меккинли, шеф на Советот за бегалци во Баден-Витенберг.

Советот уште пред три недели побарал кампот да биде испразнет, но властите одбиле да го сторат тоа. Според германски извештаи, во „Елванген“ има 587  луѓе од кои половината се мажи, а останатите жени и деца. Дојдени се од Нигерија, Ирак, Сирија, Турција и од други држави. Во кампот користат заеднички бањи, тоалети и соби. Немаат право самите да готват, туку им се носи готова храна. На бегалците не им се дозволува да си стоплат дури ни вода за чај и кафе.

Целосниот карантин е воведен на 5 април кога 32-годишен маж од Гана дал позитивни резултати на тестот.