Свет 14. септември 2020. / 22:45

По грешка објавени податоци на повеќе од 18.000 жители на Велс заразени со корона вирус

По грешка објавени податоци на повеќе од 18.000 жители на Велс заразени со корона вирус

Лични податоци на 18.105 жители на Велс, пациенти со потврден позитивен наод на корона вирусот, случајно биле објавени на јавен сервер и биле достапни онлајн 20 часа во август.

Како што објавија од велшкиот здравствен систем, причината за протекувањето е индивидуална човечка грешка.

Оттаму додаваат дека е нарачана опсежна истрага за протекувањето на податоците и дека се преземени чекори за да се спречат слични инциденти.

Засега нема докази дека податоците се злоупотребени. Но, признаваме дека тоа ќе предизвика загриженост и анксиозност и длабоко жалиме дека во овој случај, не успеавме да ги заштитиме доверливите информации на граѓаните на Велс – се наведува во соопштението.

Податоците се поставени на 30 август вечерта и можел да ги пребарува секој корисник на мрежната станица на велшкиот јавен здравствен систем до отстранувањето утрото следниот ден.

Додека податоците биле достапни, ги прегледале 56 непознати корисници.

Системот на јавното здравство наведува дека во повеќето случаи, односно за 16.179 лица, биле достапни иницијали, датумот на раѓање, географското подрачје и полот, поради што е мал ризикот за идентификација.

Достапни биле информации и за името на домот во кој се сместени 1.926 штитеници на домови за стари и немоќни, чии податоци кратко биле достапни, а ризикот за идентификација во тој случај е поголем, но и натаму мал.