Истражување спроведено во шест земји покажува дека луѓето очекуваат пандемијата на корона вирусот во светот да трае уште четири месеци.
Анкетата, со која биле опфатени 6.566 лица во Јужна Кореја, САД, Кина, Германија, Италија и Велика Британија покажува дека граѓаните веруваат дека, во просек, ќе поминат уште 17 недели до крајот на епидемијата, по што работите ќе се вратат во нормала.
Резултатите покажуваат дека испитаниците во Кина, каде што изби епидемијата во декември, предвидуваат дека за девет недели ќе се вратат во нормала.
Американците очекуваат пандемијата да заврши за 15 недели, испитаниците во Јужна Кореја и Германија за 17 недели, а Италијанците и Британците за дури 22 недели.
Дури 22 проценти од испитаниците сметаат дека може да минат од пет месеци до дури две години пред животот да се врати во нормала.
Анкетата, исто така, покажува дека 47 отсто од испитаниците позитивно гледаат на реакцијата на своите влади на епидемијата. Кинезите имаат најголема доверба во својата влада (79 проценти), по нив следуваат Британците (50 проценти), а потоа Корејците, Американците, Италијанците и Германците.
Онлајн-анкетата е спроведена од американската агенција за маркетинг „Флајшман-Хилард“, во периодот помеѓу 30 март и 3 април.