Во писмено обраќање до своите демократски колеги по повод кризата со корона вирусот во САД, спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, упати остри критики до претседателот Доналд Трамп. Пелоси го обвини Трамп за лаги и порача дека Американците мора да ја дознаат вистината и да дејствуваат согласно неа.
Писмото, испратено по повод Велигден и објавено на нејзиниот официјален веб-сајт, Пелоси го почнува посочувајќи дека празникот го поминала „во продлабочено молење и размислување, за ова неподносливо време“ кога Американците се соочени со смртоносен корона вирус и „ги оплакуваме тие што починаа“.
Потоа, под повеќе точки по ред таа го критикува Трамп за дејствијата што довеле народот да настрада од „тешка здравствена и економска криза“.
Пелоси го обвини Трамп дека ги распуштил владините институциите со надлежност за борба со пандемии, што предизвикало смрт на огромен број Американци и економска криза.
Таа подвлекува дека Трамп бил предупреден за пандемијата уште во јануари, но тој ги игнорирал предупредувањата и на своите луѓе им говорел дека пандемијата е измислица.
Спикерката го обвини Трамп за „некомпетентна реакција на кризата во здравството“, а тоа предизвикало криза во силната економија што тој ја наследил од неговиот претходник.
Вистината е дека слаба личност, неспособен лидер, не презема одговорност во свои раце. Слабата личност ги обвинува другите – пишува Пелоси.
Таа изјави дека до почетокот на април само еден процент од Американците бил тестиран за корона вирус, иако уште од 4 март 2020 година Претставничкиот дом изгласа двопартиски предлог-закон што предвидува масовно тестирање на населението.
Вистината е во тоа што од овој момент Американците треба да ја игнорираат лагата и да почнат да ги слушаат научниците и другите ценети професионалци, за наша и заштита на нашите блиски. Иднина ќе ни биде здрава и просперитетна само ако запреме со трпење лаги и измами. Мора да ја признаеме вистината, да ја зборуваме вистината, мора да инсистираме за неа и да дејствуваме согласно тоа – го заврши писмото Пелоси.