Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси вели дека ќе разгледа опции за да се повика на 25-от амандман за смена на претседателот Доналд Трамп пред истекот на неговиот мандат на 20 јануари, откако републиканците го блокираа првичниот обид за тоа.
Пелоси рече дека демократите, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом, го повикуваат потпретседателот Мајк Пенс да одговори во рок од 24 часа бидејќи тоа го обврзува да го отповика Трамп по 25-от амандман.
– Нашиот следен чекор ќе биде да овозможиме отповикувањето да се изврши до крај. Претседателот е закана за САД и тоа е итна работа, поради што тоа ќе биде нашата следна акција, рече Пелоси.
Демократите во Конгресот на САД денеска почнаа со втор обид за соборување на претседателот Доналд Трамп, повикувајќи на резолуција за негово отповикување поради „поттикнување бунт“ откако неговите поддржувачи упаднаа во Конгресот минатата недела, при што загинаа пет лица.
Претставничкиот дом треба да разговара за ова веќе в среда. Доколку предлогот биде изгласан, Трамп би станал единствениот претседател во американската историја, двапати отповикан од Долниот дом.
Пелоси, многу демократи и мал број републиканци сметаат дека на републиканскиот претседател не треба да му се дозволи да го отслужи својот мандат, што завршува на 20 јануари.
„Заштитувајќи го нашиот Устав и нашата демократија, ќе дејствуваме итно, бидејќи овој претседател е директна закана за двајцата“, рече Пелоси пред демократите во неделата.
Републиканците сепак, го блокираа предлогот веднаш да се разгледа резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го активира 25-от амандман за да биде сменет претседател кој веќе не е способен за функција и кој никогаш порано не бил користен.
Долниот дом треба да гласа за резолуцијата утре со која се повикува на активирање на 25-от амандман.
Пенс и неговите колеги републиканци досега не покажаа интерес за тоа.
Десетици луѓе кои нападнаа полицајци, украдоа компјутери и искршија прозорци на Капитол се уапсени за вмешаност во насилството и отворени се 25 истраги за внатрешен тероризам.
Трамп објави видео порака по упадот во која помирливо потврди дека новата администрација ќе стапи на должност на 20 јануари, но не се појави во јавноста. Твитер и Фејсбук ги суспендираа неговите профили поради ризик од поттикнување насилство.
Конгресменот Џим МекГоверн, претседател на Комитетот за деловник на Претставничкиот дом, рече дека очекува расправата за предлогот за отповикување на претседателот да се одржи в среда и верува дека таа ќе биде усвоена.
– Она што го стори претседателот беше бескрупулозно и мора да одговара, изјави тој за Си-Ен-Ен.
Пенс беше на Капитол со своето семејство кога се случи нападот и повеќе не разговара со Трамп.
Претставничкиот дома каде имаше мнозинство демократи гласаше за отповикување на Трамп во 2019 година за притисок врз Украина да го истражи Бајден, но Сенатот со мнозинство републиканци беше против.