Свет

Парламентот на Шпанија го одобри преместувањето на посмртните останки на Франко

Парламентот на Шпанија го одобри преместувањето на посмртните останки на Франко

Шпанскиот Парламент денеска го одобри преместувањето на посмртните останки на диктаторот Франциско Франко од мавзолејот во близина на Мадрид, каде што тој беше погребан пред 43 години.

За негово преместување гласаа 176 од 350 пратеници во Парламентот, со што помина иницијативата, која во јуни ја покрена новата социјалистичка влада. Од гласањето се воздржаа најголемата опозициска партија, конзервативната Народна партија и партијата од центарот Граѓани.

Долината на паднатите, која се наоѓа 40 километри северно од Мадрид, е местото каде што се сместени посмртните останки на спротивставените републиканци и националисти, убиени во Шпанската граѓанска војна од 1936 до 1939 година. Засега не е познато каде ќе бидат преместени остатоците на генералот Франко, кој раководеше со Шпанија од победата во војната до смртта во 1975 година.

Неговите внуци, како и Фондацијата Франциско Франко најавија правна битка, со цел посмртните останки да останат каде што се.

Социјалистичката влада смета дека Франко не треба да биде на местото каде што се закопани жртвите на двете страни, бидејќи тој не е жртва, и тој починал од природна смрт и дека таму се наоѓаат жртви на неговиот режим. Исто така, сметаат дека Долината на паднатите, над која се издига 150 метарски крст, го велича режимот на Франко.