Невладината организација „ЕУ Дисинфо Лаб“ разоткрила мрежа од над 250 интернет сајтови чија цел е да се дезинформира европската и меѓународната јавност за конфликтот помеѓу Индија и Пакистан околу Кашмир.
Извештајот, објавен вчера, објаснува дека откритието е направено благодарение на работата на Европската служба за надворешни работи која посочи неодамна дека веб сајтот “ЕП Тудеј“ е про-руска платформа која шири дезинформации, но дека форматот на сајтот е таков што изгледа како да припаѓа на Европскиот Парламент.
Поаѓајќи од таму, невладината организација започнала истражување и дошла до цела мрежа на веб сајтови во 54 земји и кои систематски „го критикуваат Пакистан“ и шират дезинформации за конфликтот помеѓу оваа земја и нејзиниот моќен сосед, Индија, околу регионот Кашмир.
Невладината организација нагласува и дека во оваа мрежа е инволвиран член на Европскиот економски и социјален комитет, бидејќи тој негува „блиски односи“ со оваа мрежа.
Целта, според ЕУ Дисинфо на организаторите на оваа мрежа е да „допрат до оние кои одлучуваат во Брисел, без да може да се пронајдат организаторите на оваа манипулативна мрежа“.