Свет 30. јуни 2018. / 15:23

Осми ден од потрагата по младите фудбалери – не помогнало ни бушењето, нема ни трага, ни глас (ВИДЕО)

Осми ден од потрагата по младите фудбалери – не помогнало ни бушењето, нема ни трага, ни глас (ВИДЕО)

Тајландските власти уште не ги пронашле младите фудбалери за кои се верува дека исчезнале во пештера на северот на Тајланд, соопштиле службениците, една седмица откако било пројавено нивното исчезнување.

Спасувачките тимови направиле дупка од едната страна на планината на северот на Тајланд, во очајнички обид да извлечат вода пештерата во која веќе седум дена се бара исчезнатиот фудбалски тим од 12 деца и тренерот.

Но, изгледа дека тие напори биле безуспешни и ситуацијата и натаму е мрачна, а нема гаранции дека водата набрзо ќе се повлече од пештерата, додека трае дождливата сезона на Тајланд.

“Спасувачите минатата ноќ успеале во пештерата да пронајдат две големи комори. Едната е длабока 55 метри, а другата меѓу 60 и 90 метри. Но, не сме сигурни дали тоа ќе доведе до децата. Денес истражуваме други отвори во пештерата”, рекол заменик началникот на полицијата, Вирачаи Сонгмет.

Нуркачите не успеале да минат низ премините со кал, а спасувачите бараат алтернативни начини да влезат во пештерата, со надеж дека ќе откријат скришни премини на планината, низ која би се вовлекле во неа од другата страна. Повеќе од 600 луѓе ја обиколуваат планината во потрага по можни пукнатини.

Министерот за внатрешни работи на Тајланд, Анупонг Паоџинд вели дека спасувачите и натаму трагаат на уште три локации.

Децата и тренерот влегле во пештерата Там Луанг Нанг Нонг во провинцијата Чианг Раи, по натпреварот во саботата попладне.

Пештерскиот комплекс се протега на неколку километри, со тесни премини и нерамна површина, а теренот често е поплавен во текот на дождливите сезони. Навечер, нивото на водата се качува за околу 15 сантиметри по час, отежнувајќи ја потрагата.