Премиерот на Унгарија Виктор Орбан изјави дека воената интервенција на Турција во Сирија е во интерес на неговата земја.
Турција почна воена офанзива на 9 октомври за да ги натера сириските курдски сили да се повлечат од нивната граница и таму да формираат „зона на безбедност“, во која Анкара планира да врати дел од 3,6 милиони бегалци. Орбан рече дека областа е „воено стабилизирана … иако по цена на конфликти и борби“, ќе им овозможи на сириските бегалци во Турција да „се вратат дома“.
-Ако не се вратат таму, Турците ќе ги отворат портите кон Европa“, рече Орбан во интервју за унгарското државно радио.
-Тогаш сто илјади ќе влезат во Грција од Турција, од Грција до Балканот и од Балканот до унгарските или хрватските граници, рече унагрскиот премиер, кој е познат по своите антиимигрантски ставови.
-Главен интерес на Унгарија е тоа да не се случи, потенцира Орбан.
Тој уште истакна дека му предложил на Брисел да испрати наменска финансиска помош до Анкара за обнова на градовите во „стабилизираните области“ и нивно опремување со болници, училишта и домување.