Oпозициската Либералнодемократска партија во Велика Британија бара да биде спроведена независна истрага за потезите на премиерот Борис Џонсон во врска со кризата околу корона вирусот.
Штом излеземе од кризата, секако мора да има независна истрага за реакцијата на Владата на пандемијата, за да можеме да извлечеме поуки од тоа. Истрагата треба да добие максимални можни ингеренции, со оглед на шокантните неуспеси во обезбедувањето на заштитни средства и бавната реакција на Владата – изјави Ед Дејви, вршител на должноста лидер на партијата.
Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Кир Стармер исто така смета дека Владата реагирала бавно на кризата и во одреден момент земјата ќе мора да го разгледа тоа прашање.