Обединетите Нации предупредија дека ако во скоро време не биде направено нешто ризикот од ескалација на ситуацијата во Сирија максимално ќе се зголеми. Ваквото предупредување доаѓа откако најмалку 33 турски војници загинаа во воздушни напади од страна на сириската војска, чијшто главен сојузник е Русија.
– Генералниот секретар (Антонио Гутереш) го повтори својот повик за итен прекин на огнот и ја искажува својата најголема загриженост за последиците што воената ескалација може да ги има врз цивилите. Ако нема брза реакција, ризикот од ескалација ќе се зголеми од час во час – се наведува во соопштението на портпаролот на ОН, Стефан Дјужарик.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги осуди „ воздушните напади на сирискиот режим и нејзиниот руски сојузник“ во провинцијата Идлиб, а САД ги повикаа Сирија и Русија да ја запрат својата „грозоморна офанзива“, во која загинаа најмалку 33 турски војници вчера.
– Ние ја поддржуваме Турција, нашиот партнер во НАТО и продолжуваме да бараме моментален крај на оваа грозоморна офанзива на режимот на Асад, Русија и силите поддржани од Иран – се вели во соопштението на Стејт департментот на САД.