Свет 11. април 2018. / 18:40

Оланд до Макрон: Не заборавај дека Французите го обезглавија својот крал

Оланд до Макрон: Не заборавај дека Французите го обезглавија својот крал

Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд го предупреди својот наследник Емануел Макрон, љубител на раскошот: Не заборавај дека француското кралство ги изгуби главите на гилотина.

Во извадоците од неговата нова книга Лекции за моќта, социјалистичкиот политичар се обидува да ги препише записите од своите пет години на функција, со кулминацијата дека станал прв француски лидер, во поновата историја кој не барал реизбор.

Одлуката на Оланд била одредена од непопуларноста и тој тврдел дека гласачите можат да се свртат кон Макрон. Тој го нападна оддалечениот и империјален стил што неговиот поранешен министер за економија го усвои откако минатата година во мај стана претседател.

„Никогаш не се согласив за монархиска концепција на институциите на Петтата република. Оние што велат дека народот бара крал, никогаш не треба да заборават дека се во земја каде што на монархот му била отсечена главата“, изјави Оланд за магазинот Лобс пред објавувањето на книгата, пренесе Ројтерс.

Откако е избран, Макрон ги употребува кралските симболи за да му даде на своето претседателство величествен тон, од неговиот победнички говор во Лувр до неговата одлука да им се обрати на пратениците во раскошниот дворец на поранешната монархија на Франција во Версај.

Последниот жител на Версај, кралот Луј XVI бил егзекутиран на гилотина во центарот на Париз во 1793 година за време на Француската револуција, а неговата сопруга Марија Антоанета била гилотирана подоцна истата година.

Макрон самиот рече дека Франција е нација склона кон убиство на монархисти. „Тоа е парадокс: Французите сакаат да бидат во можност да изберат крал, но тие исто така сакаат да можат да го соборат без двоумење“, изјави тој во интервјуто за Шпигел од минатата година. „Како претседател, не може да очекуваш да бидеш сакан“.

Во серијата напади, Оланд исто така го обвини Макрон за продлабочување на социјалните нееднаквости преку намалување на даноците, што оди во полза на богатите и корпорациите – политичките реформи поради кои левичарите го нарекоа поранешниот банкар „претседател на богатите“.