Свет 12. јануари 2020. / 22:45

Огромниот пожар во Австралија ставен под контрола по повеќе од 10 недели

Огромниот пожар во Австралија ставен под контрола по повеќе од 10 недели

Австралискиот мегапожар, што беснее веќе 10 недели, конечно е ставен под контрола, соопштија пожарникарите од Нов Јужен Велс.

Пожарот во планините Гросперс почна со удар на гром, на 28 октомври и зафати повеќе од половина милион хектари на северозападот од Сиднеј. Потоа тој се прошири и на делови од националниот парк „Сини планини“, на западот од Сиднеј.

Гаснењето на пожарот траеше подолго бидејќи не можеше да се запре поради временските услови, соопшти пожарникарската служба, предупредувајќи дека се уште се останати неколку месеци од сезоната на пожари и површини што можат да горат.

Властите во австралиската југоисточна држава Викторија соопштија за смртта на пожарникар со што вкупниот број на луѓе кои загинале ширум континетот се зголеми на 27.

Илјадници луѓе станаа без дом откако пожарите ширум земјата опустошија повеќе од 10,3 милиони хектари земја, оставајќи зад себе изгорена земја со површина на Јужна Кореја.

Еколозите од Универзитетот во Сиднеј проценуваат дека во пожарите настрадале или се повредени дури милијарда животни.