Фондацијата отворено општество ќе го затвори своето претставништво во Будимпешта и ќе се пресели во Берлин, соопшти организацијата. „Одлуката да ги преместиме операциите од Будимпешта е донесена додека унгарската влада подготвува понатамошни ограничувања во однос на невладините организации преку легислативниот пакет познат како ‘Да го запреме Сорос’“, се наведува во соопштението на организацијата.
Премиерот на Унгарија Виктор Орбан јасно кажа дека радо би ѝ го видел грбот на таа фондација, која ја обвинува за поттикнување масовна имиграција против волјата на унгарскиот народ.
Во врска со заминувањето на Фондацијата отворено општество, „Веројатно ќе ме разберете ако не ронам солзи“, рече тој за државното радио МР1.
Орбан и Сорос се судрија околу мигрантската криза во Европа во 2015 година. Орбан смета дека Сорос го урива европскиот културен идентитет.