Украинскиот парламент ја одложи денешната седница на која требаше да биде одобрен указот за предлогот за воената состојба во земјата, што го потпиша украинскиот претседател, Петро Порошенко.
Како што пренесуваат медиумите, членовите на неколку парламентарни партии на почетокот на едницата побарале детална дискусија за моменталната ситуација, по инцидентот во керчската теснина.
Лидерот на Радикалната партија, Олег Љашко побарал лично да се состане со претседателот на Украина за да разговара со него околу причините за носењето на ваквата одлука, јави „Спутник“.
Порошенко вечерва соопшти дека ќе предложи до парламентот во земјата воената состојба да трае 30 наместо претходно најавените 60 дена. Украинскиот претседател одлуката ја донел по консултациите со претставниците на политичките партии и со цел планираните претседателски избори во Украина непречено да се одржат во предвидениот рок. Втора цел, како што беше наведено, било спречувањето на шпекулациите дека воената состојба се воведува со цел да се одложат изборите.
Предлогот за указот требаше да биде усвоен на вонредната седница во парламентот.