Свет 11. ноември 2020. / 20:45

Нова бегалска криза на повидок: Илјадници бегаат од Етиопија

Нова бегалска криза на повидок: Илјадници бегаат од Етиопија

Илјадници лица кои бегаат од конфликтот во Тиграј се упатиле преку границата кон соседен Судан, кој веќе прими околу 11.000 бегалци од таа северна етиопска провинција каде етиопската војска бомбардира складишта за оружје и гориво, пренесува Дојче веле.

Етиопската војска денеска соопшти дека бомбардирала складишта за оружје и гориво во Тиграј, каде што владата спроведува воена акција веќе една недела, што предизвика повеќе од 8.000 луѓе да побараат засолниште во Судан.

Фронтот за народно ослободување Тигрaј, кој ја има контролата во регионот, ги оспорува авторитетите на федералната влада во последните неколку месеци.

– Примивме илјадници бегалци од Етиопија, семејства со жени и деца и голем број вооружени војници, изјави за германската агенција ДПА државниот секретар на Касале, Фатех ал-Рахман ал-Амин.

Тој потврди дека неговата држава и сојузната суданска држава Гедареф одлучиле да ги затворат границите затоа што стравуваат дека конфликтот ќе се прошири на нивната територија.

Извор од вооружените сили на Судан, кој побарал да не биде именуван, изјави дека околу 500 етиопски борци, главно припадници на етиопската федерална армија, избегале и му се предале на Судан, пренесува Гласот на Америка.

– До денеска, бројот на Етиопјани кои пристигнаа во Судан се искачи на 11.000, изјави денеска Алсир Калед, директор на суданската агенција за бегалци во пограничниот град Касали.

Соочени со кризата, земјоделците во државата Гедадеф започнаа да собираат храна и да нудат сместување на новодојденците, изјави владин извор од Суна, кој очекува до 200 000 Етиопјани да пристигнат во Судан.

Тиграј е дисидентски регион во северна Етиопија каде што централната етиопска влада спроведува големи воени акции од 4 ноември.