Францускиот парламент усвои Закон за морал во политичкиот живот, со кој на политичарите им се забранува да вработуваат свои роднини во јавната и државната администрација.
Се чини, ова законско решение е неопходно и во Република Македонија, ако се има предвид, дека во своето кратко демократско искуство непотизмот е постојан проблем нашата земја.
Овој потег се смета за еден од најголемите законодавни потези на претседателот на Франција, Емануел Макрон. Законот им забранува на министрите, пратениците и членовите на локалната власт да ги вработуваат нивните сопружници, родители и деца, а казната доколку го сторат делото е до три години затвор и 45.000 евра.
За овој закон гласаа 383 пратеници, тројца гласаа против а 48 воздржани. Пратениците од владејачкото мнозинство аплаудираа по завршувањето на гласањето.
Ова законско решение во Франција дојде по неколкуте скандали кои избија во државата, откако беа детектирани примери на вработувања во јавната и државната администрација на роднини на високи политички функционери.
Нивото на политички непотизам во Република Македонија е далеку поголемо од во Република Франција. Кај нас, многу се ретки примерите на политичари кои не ги вработиле своите роднини во јавната или државната администрација, додека имале политичка позиција.