Свет 24. март 2020. / 10:05

Нобеловец тврди: Кризата со корона вирусот би можело да заврши побрзо отколку што мислиме

Нобеловец тврди: Кризата со корона вирусот би можело да заврши побрзо отколку што мислиме

Биофизичарот од престижниот американски универзитет Стенфорд и дбитник на Нобеловата награда, Мајкл Левит, тврди дека, според тоа како се одвива кризата со вирусот Ковид-19 во повеќе земји, заканата не е толку сериозна како што ја претставуваат медиумите и би можела да заврши порано отколку што многумина мислат.

Реалната ситуација не е толку страшна како што ја прават да биде. На крајот ќе бидеме сосема добро – вели Левит.

Левит, кој точно го предвиде намалувањето на бројот на заразени луѓе во Кина, се појавува на голем број медиуми за да дискутира за неговата анализа на најновите податоци од речиси 80 држави вклучени во глобалната пандемија. Како и некои други експерти, Левит тврди дека заканата од Ковид-19 е помалку опасна отколку што голем број извештаи ја прават да изгледа.

Во текст на новинарот Џо Мозинго, објавен во „Лос Анџелес Тајмс“ во неделата, Левит ја убедува јавноста дека светот и САД ќе го преживеат Ковид-19 и дека, како што се случи во земјите први погодени од пандемијата, бројот на заразени од вирусот ќе почне да опаѓа порано отколку што многумина предвидуваат.

Во друг извештај, објавен на први февруари, Левит со неверојатна точност предвиде како бројот на случаи во Кина ќе заврши, посочувајќи дека околу 80.000 ќе се разболат, а од нив ќе починат околу 3.250. Мозинго посочува дека на 16 март, официјалните бројки за Кина, која има речиси 1,4 милијарди жители, велат дека имало само 80.298 заразени и 3.245 починати од вирусот и дека бројот на нови случаи се намалил на околу 25 дневно.

Левит вели дека по анализирањето на податоците од 78 држави, тој гледа сличен шаблон. Како што се случи во Кина во февруари, степенот на дневно зголемување ќе почне да опаѓа, со што ќе се означи надолната крива на ширење.

Тоа што треба да го контролираме е паниката – вели Левит.

Како што објаснува Левит, важниот показател е бројот на нови случаи, а не вкупниот број на случаи. Податоците за новите заразени ни овозможуваат појасно да ја следиме стапката на ширење на вирусот. Тој исто така истакнува дека само кога вирусот не е детектиран тој се шири експоненцијално. Кога земјите вршат тестирања и се однесуваат „агресивно“ кон вирусот, степенот на пораст вообичаено драстично се намалува.

Левит е јасен дека во принцип се согласува со тоа што владите пропишуваат мерки за социјална дистанца како начин да се сопре порастот на ширењето, но исто така сугерира дека стравовите се пренагласени, пред се затоа што медиумите се фокусирани на тоталната бројка на случаи и на познатите луѓе што се заразиле со вирусот.

Како што пишува Мозинго, од грип се заразиле 36 милиони Американци за само шест месеци, при што починале околу 22.000. Тоталната бројка на затразени од Ковид-19 во САД во моментов е нешто повеќе од 40.000, а вкупната бројка на починати поврзани со инфекцијата се двиѓи околу 500.

Левит вели дека се плаши оти јавните здравствени мерки коишто затворија голем дел од економијата би можеле да создадат своја здравствена катастрофа, со оглед на тоа што изгубените работни места може да водат кон сиромаштија и бездомништво, појави, што од своја страна, во минатото се покажале како причина за зголемен број самоубиства, меѓу останатите трагедии.

Пораката не Левит е дека е важно јавноста и владите да не дозволат паниката да го одредува начинот на нивниот одговор на пандемијата и истакнува дека „најголемиот број луѓе ќе останат здрави и човештвото ќе преживее“.

Тој вели дека загриженоста за САД е повеќе можноста да се претрупаат болниците отколку вкупниот број на жртви.

Во моментов, САД морааат да изолира што е можно повеќе луѓе за да купи време за подготовки. Во спротивно, може да дојде до ситуација во која 20.000 заразени луѓе ќе се појават во најблиската болница во исто време и здравствениот систем ќе колабира – вели Левит.