Свет 30. октомври 2018. / 18:37

Невреме пустоши низ Европа – Во Италија има и жртви, огромни штети на хрватското приморје

Невреме пустоши низ Европа – Во Италија има и жртви, огромни штети на хрватското приморје

Неколку европски земји денеска беа погодени од силно невреме, меѓу кои Италија, каде според новиот биланс бројот на жртви се искачи на 10, додека над десетина илјади домаќинства останаа без електрична енергија.

Италијанските медиуми јавуваат дека 170 лица, туристи и вработени во хотели останале заробени на границата помеѓу Италија и Швајцарија на висина од над 2.700 метри поради силните снежни врнежи, кои достигнаа до 1,5 метри висина. Дождовите и снегот во Италија во повеќе области ги блокираа патиштата и предизвикаа проблеми во сообраќајот. Во Џенова аеродромот беше затворен бидејќи пистите биле оштетени од дождот, ветрот и водата.

Голем број училишта беа затворени во бројни италијански градови, меѓу кои и Рим. Невремето донесе вчера историско ниво на водата во Венеција.

На плоштадот на Свети Марко не можеше да се пристапи неколку часа, па многу туристи одлучија да одат низ водата што беше над нивните колена.

Соседните земји истотака беа погодени од дожд и силни ветрови.

Во Австрија, покривот на средновековна тврдина над Салцбург одлета синоќа поради ветровите со јачина од над 100 километри на час.

Во Словенија од вчера е на сила црвено метео предупредување. Во Хрватска невремето направи пустош на приморјето. Голем број патишта се поплавени, блокиран е сообраќајот поради паднати дрвја, а потопени се голем број бродчиња и чамци. Едно лице се уште се води за исчезнато.