Свет 13. May 2019. / 20:58

Намалување на стратешкото оружје главна тема на средбата Помпео-Лавров

Намалување на стратешкото оружје главна тема на средбата Помпео-Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска најави дека продолжувањето на Договорот за намалување на стратешкото оружје (СТАРТ) ќе биде главна тема на неговата утрешна средба во Сочи со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Лавров нагласи дека Русија има многу прашања во врска со американските најави за модификација на голем број лансери на подморниците и стратешките бомбардери со цел тие да можат да користат и атомско оружје.

– Договорот го дозволува тоа, но таквата модификација мора да се спроведе на начин со кој другата страна ќе биде 100 проценти сигурна дека тие лансери и бомбардери нема да се вратат во состојба да можат да носат нуклеарно оружје. – нагласи Лавров.

Тој истакна дека со рускиот претседател Владимир Путин во повеќе наврати разговарал за договорот СТРАТ, додавајќи дека Москва се залага за негово продолжување за уште пет години.

– Ние и натаму сме подготвени да разговараме со САД за договорот. Во тој процес, секако, неопходно ќе биде да се утврди билатерален механизам за контрола на почитувањето на најважните одредби од договорот. – изјави Лавров.

Договорот за намалување на стратешкото оружје (СТАРТ) е потпишан меѓу Москва и Вашингтон на 31 јули 1991 година и стапи во сила на 5 декември 1994 година. Овој договор истече на 5 декември 2009 година, но веќе на 8 април 2010, Русија и САД потпишаа нов договор СТАРТ, што стапи во сила на 5 февруари 2011 година. Новиот договор истекува на 5 февруари 2021 година, но постои опција за негово продолжување до 2026 година.

Договорот СТАРТ ги обврзува двете страни потписнички дека не може да имаат распредено повеќе од 700 интерконтинентални балистички ракети и 800 ракетни лансери, како и дека најмалку двапати годишно мора да доставуваат извештај за бројот на нуклеарни боеви глави што ги поседуваат.

Лавров во пресрет на утрешната средба со Помпео изјави и дека планира да го праша својот американски колега како Вашингтон планира да ја реши кризата со Иран, до која дојде со повлекувањето на САД од договорот за иранската нуклеарна програма.

– Утре ќе се обидеме да дознаеме како ќе се носат Американците со кризата предизвикана со нивната еднострана одлука. Очекувам искрен разговор со мојот колега. – додаде Лавров.

Инаку, Помпео денеска во Брисел имаше средба со шефовите на дипломатиите на Велика Британија, Германија и Франција и со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини.

Овие четири држави заедно со Иран, Кина и Русија се потписнички на договорот за иранската нуклеарна програма.

САД лани еднострано се повлекоа од договорот и воведоа санкции кон Иран, што предизвика осуда од страна на останатите земји потписнички, кои се залагаат за негово опстојување.