Свет 08. мај 2020. / 21:30

Најголем пад на германскиот извоз од обединувањето во 1990 година

Најголем пад на германскиот извоз од обединувањето во 1990 година

Падот на извозот во Германија во март оваа година е најголем од обединувањето во 1990 година, од кога се води евиденција.

Според најновите податоци од заводот за статистика во Германија, Дестатис, извозот од најсилната економија во Европа во март опаднал за 11.8 проценти на месечно ниво.

Остриот пад на извозот во Германија следува по три последователни месеци на раст и е резултат на падот на глобалната трговија поради пандемијата на корона вирусот.

Во февруари извозот се зголемил за 1.2 отсто во споредба со минатите месеци, покажуваат податоците на Дестатис.

Германските аналитичари предвидуваа пад од околу пет проценти во март .

Увозот има пад од 5.1 процени во март во однос на февруари, кога падна за 1.5 отсто, додека аналитичарите очекуваа пад од 4 проценти.

На годишно ниво, извозот опадна за дури 7.9 проценти, погоден од намалување на побарувачката од најголемите германски трговски партнери во еврозоната за дури 14 отсто.

Увозот опадна за 4.5 проценти од март минатата година, при што, само од Велика Британија опадна за 14.6 отсто, покажува извештајот на Дестатис.

Во такви околности, трговскиот суфицит во германскиот трговски биланс во март опадна за 22 проценти на 17.4 милијарди евра, додека во февруари изнесуваше 20.6 милијарди евра.