Свет 15. мај 2020. / 15:14

На верниците во Ватикан ќе им биде мерена температура пред да влезат на миса

На верниците во Ватикан ќе им биде мерена температура пред да влезат на миса

Ватикан соопшти дека на сите верниците кои ќе присуствуваат на миса во  црквата „Свети Петар“ и другите папски цркви во Ватикан и Рим ќе мора да им биде проверена телесната температура, како дел од мерките за спречување на ширењето на корона вирусот.

Од понеделник продолжуваат јавните миси во црквите во Италија, но под строги услови утврдени со протоколот што минатата недела беше потпишан меѓу италијанската бискупска конференција и Владата.

Црквата „Свети Петар“ во Ватикан, а и другите три папски базилики во Рим – „Свети Павле“, што е надвор од ѕидините, „Свети Јован Лотеран“ и „Света Марија Велика“,  имаат суверен, екстериторијален статус и официјално не се дел од Италија.

Новите правила за црквите во Италија вклучуваат ограничување на бројот на посетители, физичко растојание меѓу луѓето и носење маски, но не наметнуваат термичко скенирање, што значи дека папските базилики ќе имаат уште построги правила.

Во понеделник, исто така, се отвораат и италијанските музеи, но повторното отворање на музеите на Ватикан, кои минатата година примија седум милиони посетители, веројатно ќе биде дополнително одложено додека не се воспостават безбедносните мерки, тврди извор од Ватикан.