Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска во Брисел ќе учествуваат на работниот појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ што го организираат министрите за надворешни работи на Грција и на Романија, Катругалос и Малешкану.
На работниот појадок Димитров брифираше за тековните достигнувања во контекст на евроинтеграциите, за спроведувањето на Договорот од Преспа, како и за генералните очекувања од земјите-членки во насока на донесување на одлука за почеток на пристапните преговори во јуни оваа година.
-Нашата работа е да ве убедиме дека она што го имаме денес во Северна Македонија е можност за ЕУ. Нашата цел е да се трансформираме и да станеме европски во начинот на кој функционира нашиот систем. Во последната деценија Европа постојано се менува, станувајќи на некој начин движечка цел што треба да ја следиме. Но, нашите интереси остануваат исти, ни треба трансформативната моќ на ЕУ за создавање на европски, стабилен и просперитетен Балкан- рече Димитров.
На појадокот се обрати и вицепремиерот Османи, кој направи осврт на динамиката и квалитетот во спроведувањето на реформите, согласно Планот 18, кој, пак ги одразува насоките и заклучоците од минатиот јунски самит на Советот на ЕУ.
-Република Северна Македонија, покрај исклучително големиот успех во справувањето со отворените политички прашања – Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не дозволи намалување на фокусот на земјата од реформската агенда. Имаме солидна динамика на спроведување на реформите од Планот 18, и сериозен напредок во сите дефинирани области: владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата- рече Османи.
Димитров и Османи се дел од владината делегација што ја предводи премиерот Зоран Заев на утрешниот редовен 15. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу нашата земја и ЕУ. Со оглед на ротирачкото претседателство, со состанокот ќе претседава премиерот Заев, додека копретседавач ќе биде високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини. На состанокот ќе присуствува и еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како претставник на Советот, а во владината делегација од македонска страна ќе биде и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
За време на престојот во Брисел предвидено е Димитров да има средба со Хан, како и со повеќе министри за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ.