Терористот Тобијас Р., кој уби невини луѓе во два наргиле бара во градот Ханау, остави зад себе опширен манифест од 24 страници. Станува збор за документ кој донекаде потсетува на сличен текст објавен од норвешкиот монструм Андерс Брејвик, кој уби многу млади луѓе едноставно затоа што тие припаѓале на левичарската политичка група.
Во својот документ, напишан на беспрекорен германски јазик, Тобијас Р. напишал дека ги презира сите странци и оние кои не се белци. Тој тврди и дека постојат научни причини зошто некои раси се супериорни – и наведува дека има нации што треба да бидат истребени. Иако не го напаѓа никаде исламот, нациите за кои верува дека треба да бидат истребени се наоѓаат во Северна Африка, Блискиот и Средниот исток и Централна Азија, каде живеат претежно муслимански нации.
Сепак, тој смета дека проблемот е и во самата Германија, која не прави доволно против странците, пишува Јутарњи лист.
– Ако сакате да го решите проблемот со „странските криминалци“, тогаш не треба набрзина да ги напаѓате надворешните непријатели, туку пред сè, да ги победите внатрешните непријатели. И тоа може да бидат и вашите луѓе – напишано е во манифестот.
Напаѓачот за себе пишува дека е роден 1977 година и дека студирал деловна администрација во Бајројт. Ги мразел сите мигранти, без оглед од каде потекнуваат.
Поблиската анализа на неговиот манифест покажува дека тој е човек кој има сериозни проблеми и може да се категоризира како психички болен. Тој наведува дека целиот негов живот го надгледувале тајните служби и дека неговите идеи ги украле Доналд Трамп и Јирген Клоп, фудбалскиот тренер.
Осомничениот Тобијас Р. вчеравечер околу 22 часот во два бара во Ханау уби девет лица. Подоцна тој и неговата 72-годишна мајка се пронајдени мртви во неговиот стан. До неговото тело било пронајдено оружјето.