Три момчиња од фудбалскиот тим и нивниот тренер кои беа заробени во пештера во Тајланд добија талјандско државјанство. Четворицата досега биле апатриди – не биле државјани на ниту една држава, поради што им биле ускратени некои од основните права, вклучувајќи ја и можноста да патуваат надвор од тајландската провинција Чианг Раи во која живеат.
Во таа област живеат национални малцинства кои имаат потекло од соседниот Мјанмар. Апатридите во Тајланд немаат право на глас, на купување на земјиште, на легално вработување, а неможат ниту слободно да се движат.Според последните официјални информации, на Тајланд има 488.105 регистрирани апатриди, а нивната вистинска бројка би можела да достигне и до 3,5 милиони.
Главниот тренер на фудбалскиот клуб Нопарат Кантавонг изјави дека поднел документација и за останатите седум играчи на клубот кои што се апатриди.
,,Среќен сум, фудбалот може да ги унапреди животите на децата чии семејства не се во добра позиција. Кога би добиле тајландско државјанство, ако не сакаат да играат фудбал би можеле да полагаат испити за јавни службеници или да најдат добра работа во струката во која се школувале”, вели тој.
Момчињата кои денеска добија државјанство, барањето го поднеле пред да останат заробени во пештерата. Фудбалерите на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер останаа заробени во пештерата на 23 јуни, откако силните дождови ја поплавија и го блокираа излезот кон надвор. Драматичната акција за нивното спасување со помош на нуркачи ја следеше целиот свет.