Свет 14. септември 2018. / 16:21

Момчето што нападна четири лица со нож во Виена доби доживотна казна

Момчето што нападна четири лица со нож во Виена доби доживотна казна

Момчето што прободе четири лица во нападот со два ножа во австрискиот главен град Виена на 7 март беше осуден на доживотен затвор во четвртокот, пренесува „Локал“. Дваесет и тригодишниот авганистански државјанин беше прогласен за виновен по четири точки за обид за убиство. Напаѓачот не се повика на никаква политичка мотивација за своите постапки.

Една брачна двојка и нивната 17-годишна ќерка претрпеа тешки повреди во првиот напад во близина на метростаницата „Нестројплац“ преживувајќи благодарение на брзата реакција на службите за итна медицинска помош. Напаѓачот потоа се упатил кон областа Пратерштерн и го пробол својот дилер на дрога кого го обвинил за својата тажна животна ситуација, посочија обвинителите.

Напаѓачот помеѓу нападите се соочил со еден минувач кој останал неповреден. Осомничениот за оваа средба бил осуден дополнително за принуда.

За време на судењето одбраната се обиде да ги прикаже настаните како резултат на психоза предизвикана од дрога зашто напаѓачот консумирал три грама кокаин и неколку таблети „екстази“ пред нападите. Медицински експерт сведочеше дека во крвта на обвинетиот била пронајдена и мала количина ТХЦ, психоактивна состојка во канабисот.

Психијатарот Петар Хофман изјави пред судот дека нема причина да го прими напаѓачот на лекување и дека нападите биле „дивеење, кое, за жал, сè повеќе и почесто се случува во денешно време“.

Напаѓачот и неговиот одбранбен тим рекоа дека планираат да поднесат жалба на казната.