Свет 01. февруари 2019. / 15:43

Могерини: Не сакаме Европа повторно да стане бојно поле на други големи сили

Могерини: Не сакаме Европа повторно да стане бојно поле на други големи сили

Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедност, Федерика Могерини изјави дека за Унијата е многу важно почитувањето на „Договорот за нуклеарни сили од среден домет“.

Според Могерини, за Европската унија овој договор од кој сега се повлекуваат Соединетите Американски Држави и практично се распаѓа, е од голема важност затоа што Брисел не сака „Европа повторно да стане бојно поле“.

Соединетите Американски Држави ја обвинија Русија дека ги прекршува обврските на договорот потпишан меѓу Вашингтон и Москва во 1987-ма година, нешто што Москва упорно го демантира, и од САД порачаа дека утре се повлекуваат од договорот.

– За нас како Европска унија, многу е важно да се исполнуваат обврските превземени со тој Договор и да се почиуваат неговите рамки. Не сакаме Европа повторно да стане бојно поле, место каде што други големи сили ќе се судрат. – изјави Федерика Могерини и додаде:

Тоа е историја, овој Договор помогна таквата ситуација да се надмине, а и самата Европска унија помогна да се надминат конфликтите од минатото кои што не сакаме да ги вратиме. – изјави Федерика Могерини.

Таа го нагласи тоа на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија во Романија, одговарајќи на прашањето каков став ќе има Европската унија доколку Соединетите Американски Држави се повлечат од Договорот.