Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе мора да разгледа „специјални мерки“ со цел да им помогне на земјите да се изборат со пандемијата на корона вирус и негативните последици што пандемијата ќе ги остави врз економијата.
Како што истакна директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, ММФ веќе презел посебни чекори за да ослободи средства посебно за пазарите и земјите во развој, кои се соочуваат со одлив на рекордни 100 милијарди долари.
Според Георгиева, ќе бидат потребни повеќе средства ако продолжат да растат пазарните притисоци, иако кредитите не се најдобро решение со оглед на тоа што голем број држави веќе се презадолжени.
Таа укажа и на потребата од зајакнување на соработката со другите меѓународни институции и приватниот сектор.
Изјавата на Георгиева уследи откако минатата недела ММФ и Светска банка соопштија дека на поголема група држави, покрај 77 најсиромашни на кои веќе им е ветена суспензија на отплатата на долгови, ќе им бидат потребни олеснувања за исплата на долгот.
Според последната прогноза на ММФ, поради пандемијата со Ковид-19 годинава се очекува пад на светската економија од три проценти, најголем од Големата депресија во 30-тите години од минатиот век.