Лидерите на групата, составена од 20 министри за нафта, на најразвиените земји Г20 ќе одржат вонредна средба во петок каде ќе разговараат за намалената побарувачка и падот на цената на нафтата во ек на пандемијата на корона вирус, соопшти извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) Фатих Бирол.
Агенцијата и Саудиска Арабија се иницијатори на состанокот, со цел да се најде начин за заштита на пазарите на енергија во време на криза, изјави Бирол за „Фајненшл Тајмс“.
Шефот на ИЕА тврди дека проблемот на пазарот на нафта е преголем за Саудиска Арабија и Русија да го решат самостојно, додека пазарите на нафта остануваат преполни без да има поширок консензус за намалувањето на производството.
-Доаѓа на ниво каде што ќе има значителни импликации врз стабилноста на глобалната економија и по милиони работници вработени во нафтената и бензинската индустрија. Главната задача, на Г20, е да обезбеди и одржи финансиска и економска стабилност на глобалните пазари, така што е совршено во согласност со нивните надлежности, истакна Бирол.