Свет 30. јули 2018. / 10:12

Министерот својата жена Кинеска ја претставил како Јапонка

Министерот својата жена Кинеска ја претставил како Јапонка

Британскиот министер за надворешни работи, Џереми Хант пристигна во Пекинг.

При средбата со кинескиот колега предизвика смеа кога својата жена Кинеска, ја претстави како “Јапонка“. „Мојата жена е Јапонка“ – изјавил Хант при средбата со шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји.

Хант, кој на почетокот на јули, на функцијата министер за надворешни работи, го замени Борис Џонсон, брзо се поправи.

„Мојата жена е Кинеска – каква страшна грешка“ – изјавил тој и предизвикал смеа кај домаќинот. Кина и Јапонија во најмала рака имаат комплицирани односи, а Пекинг често му замерува на својот сосед дека недоволно ги признава злосторствата од окупацијата на јапонската војска во Кина во Втората светска војна.

Додека Велика Британија се подготвува да ја напушти Европската унија, Хант ја избрал Кина како прва станица од својата турнеа по странство, во надеж дека ќе ги засили трговските врски меѓу двете земји. После Пекинг ќе ги посети Париз и Виена.

„Мојот однос со Кина оди далеку. Мојата жена е Кинеска и моите деца се делумно Кинези…Мојата голема надеж е дека ќе успееме да го продлабочиме пријателството меѓу Кина и Велика Британија, што нормално подразбира и занимавање со теми во кои имаме различни ставови“ – изјавил Хант и додал дека во Кина, која прв пат ја посетил на 19 години, има силни семејни врски.