Свет 28. март 2019. / 13:38

Мешовитиот парламентарен комитет даде препорака за Македонија да почне преговори со ЕУ во јуни

Мешовитиот парламентарен комитет даде препорака за Македонија да почне преговори со ЕУ во јуни

Со усвојување серија на препораки во Стразбур заврши 16-от Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија со кој што претседаваа Алојз Петерле и пратеникот Горан Милевски

Во препораките, како што јавува МИА од Стразбур се поздравува стапувањето во сила на Преспанскиот договор, што го реши децениското прашање за името и ги засили перспективите на Северна Македонија за пристапување во ЕУ и НАТО. Понатаму се потсетува на Извештајот на Европската комисија од 17 април 2018 година и препораката за отворање на преговорите за пристапување, се наведува дека стапувањето во сила на Преспанскиот договор ја покажува јасната определба на Северна Македонија за унапредување на регионалното помирување и добрососедските односи, како и за продолжување на спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, се истакнува дека Северна Македонија е добро подготвена за преговорите за пристапување, со оглед на нејзиниот долгогодишен кандидатски статус и дека реформите во областа на владеењето на правото, како што се зацртани во поглавјата 23 и 24, ќе продолжат да бидат во центарот на следната фаза од постапката за пристапување.

Европратениците и македонските парламентарци ги повикуваат земјите членки на ЕУ „да го признаат конкретниот напредок што го направи земјата за реформите поврзани со ЕУ, особено во областите утврдени со Заклучоците на Советот и да ги отвори преговорите за пристапување во ЕУ во јуни оваа година, бидејќи отворањето преговори во јуни 2019 година ќе обезбеди натамошен поттик за консолидирање на демократијата и владеењето на правото, како и зајакнување на надзорот и одговорноста.

Во препораките е поздравен постигнатиот напредок на Северна Македонија и истовремено е охрабрена да продолжи со своите напори за натамошно консолидирање на реформите кои се од суштинска важност за земјата, особено во областа на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките и безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, се поздравува определбата на владејачките и опозициските партии за поддршка на заедничката стратешка цел за пристапување во ЕУ и повикува на национално единство во овој поглед, се повикуваат властите во Северна Македонија, сите политички партии и граѓанското општество да ги удвојат своите напори во наредните месеци за да продолжат да докажуваат дека се предвидливи и сигурни партнери.

Исто така, се поздравува континуираниот напредок во истрагите спроведени од страна на СЈО за воспоставување правна одговорност за прислушувањето, се нагласува важноста на независните истраги од страна на СЈО и судовите, за можноста да ги спроведуваат своите истраги за сите нерешени случаи и да ги изнесат одговорните пред лицето на правдата, се забележува важноста за одржливо решение за идниот статус на Специјалниот обвинител, што е во согласност со Стратегијата за реформа на судството.

Притоа се зема предвид постепеното усогласување на правната рамка на Северна Македонија со стандардите на ЕУ. Покрај тоа што се направени чекори што ги презема владата за подобрување на оперативната околина за независните надзорни институции, медиумите и невладините организации, како и подобрениот дијалог помеѓу владата и невладините организации, се забележува, сепак, загриженоста во врска со недостатокот на видливи промени во слободата на медиумите, притисокот врз новинарите и самоцензурата, како и тоа дека земјата останува во категоријата на “делумно слободни” држави во последниот индекс “Слобода во светот”.

Се жали за одлуката на опозицијата да го стопира своето учество во процесот „Жан Моне“ и повикува на зајакнување на културата на компромис и конструктивен политички дијалог, особено меѓу пратениците и на воздржување од создавање каква било опструкција што би го попречила ефективното функционирање на парламентот, ја нагласува важноста да се осигура дека парламентот може во целост да ги искористи своите надзорни и законодавни функции.

Уште еднаш се нагласува дека воспоставувањето одговорност за оние што ги извршиле и ги оркестрирале овие акти на насилство од 27 април 2017 година во парламентот треба да продолжат да се воспоставуваат во согласност со закон, на транспарентен и независен начин.

МПК ја нагласува важноста од одржување на попис, за да се добие соодветна и реална демографска статистика во согласност со европските стандарди и ја нагласува важноста на широк политички консензус во овој поглед, при што ја поздравува намерата на владата да изврши пилот-попис во 2019 и попис во 2020 година.

На крајот се нагласува потребата да се осигура дека претседателските избори ќе се одржат во атмосфера на национално помирување и на фер и транспарентен начин, се нагласува потребата за навремено ревидирање на Изборниот законик со сеопфатно решавање на преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, Венециската комисија и ГРЕКО, вклучително и за финансирање на кампањите и за политичките партии.