Свет 01. мај 2020. / 11:00

Одењето на годишен одмор во други европски земји се уште не е на дневен ред за Германците

Одењето на годишен одмор во други европски земји се уште не е на дневен ред за Германците

Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека е потребен систем за предупредување во случај повторно да почне да расте бројот на заразени со корона вирусот.

По состанокот со премиерите на германските покраини, Меркел порача дека во интерес на граѓаните е да постои единствена стратегија за цела Германија и заеднички цели.

– Целта е да се забави ширењето на вирусот и ние успеавме да направиме многу во последните неколку недели, истакна Меркел.

Заблагодарувајќи им се на сите што работат на концептот за рестартирање на животот во земјата, Меркел изјави дека тој работен концепт, освен правилата за растојание и хигиената, содржи упатства за тоа како да се живее со пандемија.

– Останува задача на политиката да одлучи кога ќе се рестартираат животот и стопанството. Тука не постои автоматизам. Треба да се биде внимателен и да се има преглед на целата ситуација. Треба да работиме понатаму за да го намалиме бројот на инфекции, изјави Меркел.

Канцеларката истакна дека внимателноста останува приоритет на нејзиниот Кабинет.

– Секое попуштање води кон тоа да се сретнуваат се повеќе луѓе. Затоа мора да останеме дисциплинирани и да се придржуваме кон правилата за хигиена. Донесени се некои одлуки, но пакет мерки ќе бидат донесени следната недела, соопшти Меркел.

На прашање за летните одмори, Меркел изјави дека не може да се гледа толку далеку.

– Одењето на годишен одмор во други европски земји се уште не е на дневен ред за Германците. Со оглед на тоа што во некои европски држави ситуацијата е полоша отколку во Германија, се уште не е можно да се продолжи со туризмот, истакна Меркел.

На состанокот била разгледана и ситуацијата во земјата по првите олеснувања на мерките, односно по делумното отворање на продавниците.