Свет 07. септември 2020. / 16:48

Меркел поради труењето на Навални не исклучува запирање на рускиот гасовод

Меркел поради труењето на Навални не исклучува запирање на рускиот гасовод

Германската канцеларка Ангела Меркел не исклучува запирање на изградбата на гасоводот „Северен поток II“ како реакција на можната вмешаност на официјална Москва во труењето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.

Германската канцеларка смета дека би било погрешно да се исклучи нешто како опција, изјави портпаролот на германската влада Штефен Зајберт на редовната владина прес-конференција на прашањето дали Ангела Меркел размислува за откажување на проектот „Северен поток II“ како можна санкција за Русија за наводната вмешаност во труењето на опозицискиот политичар Навални.

Зајберт рече дека канцеларката „тесно соработува“ со германскиот министер за надворешни работи Хаико Маас по ова прашање.

Вчера, Маас спомена запирање на проектот „Северен поток II“, кој е во најголем дел сопственост на руската државна нафтена компанија „Гаспром“, како една од можните санкции во случај да се докаже вмешаноста на официјална Москва во труењето на Навални.

Се надевам дека Русите нема да не принудат да го смениме ставот кон гасоводот Северен поток II, рече Маас.

Зајберт денес истакна дека е рано да се зборува за санкции против Русија.

Во моментов, оваа тема и заедничката реакција се разгледуваат на ниво на ЕУ, рече Зајберт, додавајќи дека „сега е ред на Русија“ да ја разјасни можната улога во случајот со труењето на Навални.

Откако германската канцеларка Ангела Меркел минатата среда објави дека недвосмислено е докажано дека опозицискиот политичар Навални е затруен со воен отров, се појавија шпекулации во јавноста за можни нови санкции против Русија, со најчесто споменуваниот проект во кој се вклучени Русија и неколку земји од ЕУ, вклучувајќи ја и Германија.

Претседателот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот, Норберт Ротген, беше најмногу за запирање на изградбата на гасоводот, кој е веќе 96% завршен и низ кој се очекува да протече гас на почетокот на следната година.

Проектот „Северен поток II“ е контроверзен бидејќи тече од Русија и се поврзува со копното во североисточна Германија, заобиколувајќи ги балтичките членки на ЕУ и Полска.

Против стопирање на проектот е помалиот партнер на ЦДУ на Меркел во федералната влада, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која е на власт во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, каде што Северен тек II влегува во Германија.