Канцеларката денеска доби тремор додека стоеше до финскиот премиер, Анти Рине. Таа почна да се тресе додека се интонираа националните химни на двете земји.
Таа денеска изјави дека е добро и дека луѓето не треба да се грижат, откако трет пат во рок од еден месец, на јавен настан беше забележена како се тресе.
– Јас сум во ред. Луѓето не треба да се грижат за мене – изјави Меркел на прес-конференцијата по состанокот со финскиот премиер.
Германската канцеларка не беше добро ниту на 27 јуни кога стоеше веднаш до германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на церемонијата за назначување на нов министер за правда.
На Меркел тогаш и понудија чаша вода, но таа ја одби.
Речиси истата сцена се случи и десетина дена претходно, додека Меркел го пречекуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски.