Германската канцеларка Ангела Меркел телефонски денеска разговарала со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за состојбата на североистокот на Сирија.
– Се согласија да останат во близок контакт кога станува збор за оваа тема“, рече портпаролката на германската влада, без да открие детали за содржината на разговорите.
Пред нешто повеќе од две недели, Турција започна офанзива во северна Сирија за протерување на припадниците на курдската милиција за која смета дека се членови на терористичка организација.
Германската коалициска Влада размислува да одговори на овој потег. Социјалдемократите не се согласуваат со предлогот на министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер oд партијата на Меркел ,за воспоставување на безбедносна зона под контрола на ООН во пограничното подрачје со Турција.
Во исто време, сириската влада го поздрави повлекувањето на курдските сили од северот на земјата, 30 км од границата, јави државната новинска агенција САНА, повикувајќи се на официјални извори од Министерството за надворешни работи.
Официјален Дамаск смета дека повлекувањето на сириските демократски сили (СДФ) од пограничното подрачје „ја отстранува главната причина за жестоката турска агресија на сириската територија“.
Во изјавата се вели дека владата ќе им помогне на граѓаните да се реинтегрираат, отворајќи го патот за враќање на сириското национално единство.