Свет 24. мај 2020. / 22:30

Меркел го правда ограничувањето на основните права за време на пандемијата

Меркел го правда ограничувањето на основните права за време на пандемијата

Германската канцеларка Ангела Меркел повтори дека мерките воведени за време на пандемијата на корона вирусот ги ограничиле основните и демократските права на граѓаните, но истовремено истакна дека таквото ограничување било нужни во вакви околности.

Конзервативната политичарка во својот неделен говор пред нацијата, изјави дека може да ги разбере загриженоста на граѓаните за ограничувањата воведени поради пандемијата.

Владата не пристапи лесно кон ограничувањето на основните права и затоа тие мора да бидат што е можно пократки. Но, тие беа неопходни и ние секогаш ги оправдувавме затоа што се чувствуваме одговорни за достоинството на луѓето, како што е наведено во член 1 од нашиот Темелен закон. Тоа вклучува напори да се спречи нашиот здравствен систем да биде преплавен со пациентите и тоа, за среќа, е постигнато. Но, сега кога ограничувањата се укинуваат, ние секако треба да оправдаме зошто сè уште не ублажуваме нешто додека можеме да олесниме нешто друго. И, се разбира, секогаш треба да процениме на овој начин колку се сразмерни мерките – изјави Меркел.

Канцеларката смета дека пандемијата на корона вирусот ставила посебни предизвици за општеството, можеби најголеми од донесувањето на Темелниот закон – германскиот устав, на 23.05.1949 година и дека е поважно од кога било да се почитуваат неговите темелни принципи.

За вчера, во голем број германски градови, беа планирани протести против мерките воведени од Владата, но одзивот беше значително помал од очекуваниот. Во изминатите викенди илјадници Германци протестираа против мерките, тврдејќи дека им биле нарушени основните права, но имаше и собири насочени против теоретичарите на завери или „десничарското агитирање“.