Бирократите на ЕУ не се заинтересирани за вредности и за принципи, изјави за „Раша тудеј“ вицепремиерот на Италија, Матео Салвини. Тој, исто така, рече дека нациите како Франција имаат хипокритички став кога ја критикуваат миграциската политика на Италија. Италија нема да гласа за следниот седумгодишен буџет на ЕУ ако нема договор за другите клучни прашања, како што е миграцијата.
„За жал, во Брисел и во Европа го разбираат само јазикот на парите. Затоа не зборуваат за принципи, вредности, солидарност – туку за економски прашања “.
Италијанската влада добила остри критики поради залагањето за посилна контрола на границата и за спречувањето мигрантските бродови да влезат во нејзините пристаништа. Минатиот месец, Италија го одби хуманитарниот брод „Аквариус“ со повеќе од 600 мигранти од Африка, кој потоа мораше да се закотви во Шпанија. Одлуката на Италија беше жестоко осудена од францускиот претседател Емануел Макрон, кој рече дека Италија не е под ист миграциски притисок како минатата година. Салвини ги отфрли критиките, обвинувајќи го за хипокризија.
„Другите европски земји – како Франција – ги затвораат границите и враќат 50.000 луѓе, а потоа се обидуваат да ни држат предавања”, рече Салвини, додавајќи дека “спасувачките бродови” на невладините организации ја влошуваат кризата. “Постојат некои меѓународни мисии кои само во Италија доведоа десетици илјади мигранти “.
Ставот на Рим ги поттикна некои официјални претставници и политичари на ЕУ да ја означат Италија како опасна. Комесарот за буџет на ЕУ, Гинтер Отингер, минатата недела рече дека владите како онаа во Италија сакаат да го ослабат или дури и да го уништат европскиот проект. Салвини ги отфрли таквите тврдења и вели дека, и покрај жестоката критика на миграциската политика на ЕУ, тој не се согласува дека неговата земја е управувана од “анти-ЕУ” влада.
„Јас не сум против Европа. Јас сум за Европа која прави малку работи, но ги прави добро – оставајќи слобода на избор на други фронтови за поединечни држави”.
Италија беше една од земјите што беа најтешко погодени кога избувна миграциската криза во 2014 година. Илјадници Африканци пристигнаа во земјата откако го преминаа Медитеранот, а Рим се чувствуваше напуштен од нејзините европски партнери.
„Оваа Европа не покажува солидарност, а Италија останува сама да се справи со миграциските бранови”, премиерот Џузепе Конте се жалеше во јуни.
Како одговор на тоа, Европската комисија понуди да ѝ плати Италија по 6.000 евра за секој примен мигрант – идеја што Рим категорично ја отфрли.
„На Италија не ѝ е потребна милостина,“ рече Салвини.