Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас вчера ја нагласи важноста на зачувувањето на иранскиот нуклеарен договор, предупредувајќи дека целиот регион ќе биде дестабилизиран ако Техеран продолжи да работи на воената нуклеарна програма.
„Не го сакаме тоа – ова би можело да го запали целиот регион“, кажа Мас на почетокот на Генералното собрание на ОН во Њујорк, повторувајќи ја својата поддршка на договорот од 2015 година, со кој на Иран му се наметнати ограничувања на нуклеарната програма во замена за укинување на повеќето американски и меѓународни санкции.
Наметнатите ограничувања му оневозможуваа на Техеран да произведе нуклеарна бомба.
Американскиот претседател Доналд Трамп во мај оваа година излезе од нуклеарниот договор со Иран што го потпиша претходната администрација на чело со претседателот Барак Обама. Трамп повторно ѝ воведе санкции на оваа земја, заканувајќи се дека строго ќе ги казнува компаниите и фирмите што работат со Иран, вклучувајќи ги финансиските институции.
Коментарите на Маас следуваа откако европските партии во договорот, и покрај американските санкции, доцна во понеделникот ги објавија плановите за отворање нови начини за плаќање кои би ја олесниле работата со Иран.
Овие планови ги објави министерката за надворешни работи на Европската Унија Федерика Могерини во изјавата по министерскиот состанок на маргините на актуелното Општо собрание на ОН, на кое учествуваа претставници на Русија, Британија, Франција, Германија и на Кина.
Таа порача дека ЕУ-потписничките на нуклеарниот договор со Иран и понатаму се верни на неговото зачувување и дека активно работат на создавање посебни канали за исплата за да можат да продолжат да тргуваат со Иран и покрај американските притисоци.
ЕУ бара начини да ги заштити европските фирми што работат со Техеран, иако многу мултинационални фирми веќе решија да се повлечат од Иран.