Претседателот на Франција Емануел Макрон му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп дека новите царини што ги воведоа САД за производите од ЕУ, Мексико и од Канада се „грешка“ и дека се нелегални.
Елисејската палата денеска соопшти дека претседателите на Франција и на САД разговарале по телефон откако администрацијата на Трамп вчера ја обелодени одлуката за воведување 25 отсто царина на челикот и десет отсто царина на алуминиумот.
Европска Унија планира контрамерки. Како што е најавено, во следните неколку недели ќе бидат воведени царини на американскиот челик и на прехранбените производи, по процената на трошоците на компаниите на ЕУ поради американските царини.
Макрон кажа дека одговорот ќе биде „цврст“ и „пропорционален“ и во согласност со правилата на Светската трговска организација.
ЕУ вчера соопшти дека планира во Светската трговска организација да покрене случај против САД поради увозните такси за челик и алуминиум.