Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Истанбул по самитот за Сирија порача дека сирискиот народ треба да има право на збор за својата иднина, јавува турската агенција Анадолија (AA).
Во Истанбул денес е одржан самит за Сирија на кој домаќин беше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а учествуваа неговиот руски и француски колега Владимир Путин и Емануел Макрон и германската канцеларка, Ангела Меркел.
Макрон на заедничката прес-конференција истакна дека денес во Истанбул е одржан многу корисен самит во врска со темата Сирија, и по тој повод му се заблагодари на турскиот претседател Ердоган.
Францускиот претседател ја нагласи потребата за сеопфатно реструктурирање на Сирија и нагласи дека користењето на хемиско оружје е неприфатливо било каде во светот.
Зборувајќи за ситуацијата во сирискиот град Идлиб, Макрон порача дека е „крајно важно во Идлиб да се воспостави трајно и оддржливо примирје“.
„Сирискиот народ треба да има право на збор за својата иднина“, изјави Макрон и додаде: „Не е наше да донесуваме одлука за Сирија, но она што можеме да го сториме е да помогнеме во обезбедување на условите за народот да одлучи за својата иднина“.
Францускиот претседател исто така додаде дека сирискиот режим денес повторно се води по освојувачката логика, и предупреди дека таквиот пристап не е тој кој ќе придонесе за стабилноста на Сирија.