Францускиот претседател Емануел Макрон повика за создавање на “вистинска европска армија”, со која ќе се заштити Стариот континент од Русија и САД. Откако е на власт, Макрон инсистира на заеднички вооружени сили на ЕУ.
Тој рече дека Европа треба да ја намали зависноста од американската моќ, особено откако Доналд Трамп објави дека се повлекува од договорот за нуклеарно оружје. Според Макрон Русија покажува дека може да е закана за Европа, пренесе МИА.
-Треба да се заштитиме во однос на Кина, Русија и дури Соединетите Американски Држави- категоричен беше тој во интервју за радио “Европа 1”.
Во 2017 година ЕУ формира заеднички фонд за одбрана во износ од неколку милијарди евра, да го развие воениот капацитет на Европа и да го направи континентот стратешки независен.
Франција предводи воена сила од девет земји, која набрзо треба да одржат заедничка воена операција за евакуација од воена зона или за помош при природна катастрофа.
-Мирот во Европа е несигурен- смета францускиот претседател.
-Бевме погодени од обиди за упад во сајбер просторот и бројни интервенции во нашите демократии- рече тој очигледно мислејќи на Русија.
Тој исто така предупреди за “авторитарни сили кои се вооружуваат на простори на Европа”.
Макрон предупреди за растечки национализам, додека се подготвува да се соочи со десетици светски лидери, вклучувајќи го Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, в недела, кога ќе бидат означени 100 години од примирјето од Првата светска војна.