Свет 27. јануари 2020. / 18:43

Македонска делегација на одбележувањето 75 години од ослободувањето на Аушвиц

Македонска делегација на одбележувањето 75 години од ослободувањето на Аушвиц

Во присуство на преживеаните од нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау и стотици официјални лица од многу држави во Европа и светот, денеска во Полска беше одбележан Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот,  кој со одлука на Генералното собрание на ООН е утврден да се одбележува на 27 јануари.

На комеморација пред „портата на смртта“ во Биркенау свое обраќање имаше претседателот на Република Полска, Н.Е. г. Анджеј Дуда, а присуствуваше и официјална делегација на Република Македонија, предводена од вицепремиерката Мила Царовска, а придружувана од претставник на Еврејската заедница од нашата земја.

Вицепремиерката Мила Царовска и претставник од Еврејската заедница дел од македонската делегација во Аушвиц

По обраќањето на Претседателот Дуда, главното обраќање на комеморацијата го имаа преживеаните лица од Аушвиц, кои ги раскажаа горчливите искуства и повикаа на разум, вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат.

– Денес одбележуваме 75 години од ослободувањето на најголемиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, во кој што животот го загубија над 1 милион луѓе, најголемиот број од нив Евреи. Со одбележувањето на овој ден се потсетуваме на сите жртви на Холокаустот, помеѓу нив, над 7.000 Евреи од Скопје, Битола и Штип кои во март и април 1943 година беа депортирани и убиени во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка. Оваа огромна човечка трагедија е врежана во нашата колективна меморија, не потсетува дека не смееме да дозволиме никогаш повеќе да се повтори. Токму затоа Владата на Република Северна Македонија посветено работи и има цврста определба на сочувувањето на сеќавањата и вистината за Холокаустот. Се бориме и ќе продолжиме да дејствуваме против било каков вид на дискриминација, спречување на говорот на омраза, превенирање и спречување на расизмот и на сите други форми на кршење на човековите права“, истакна Вицепремиерката Царовска по одржаната комеморација за изгубените човечки животи во концентрациониот логор.