Американскиот државен секретар Мајк Помпео го обвини генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејес, дека е „купен“ од кинеската влада, пишуваат денес британските весници „Тајмс“ и „Дејли телеграф“.
Шефот на американската дипломатија тоа го рекол вчера во Лондон на средба со британски претставници, затворена за медиумите, а британските дневни весници се повикуваат на извори. Според тие извори, Помпео оценил дека неуспесите на СЗО, организација за која тој верува дека е повеќе „политичка“ организација заснована на наука, доведе до „смртни исходи“ во Велика Британија.
„Кога работите започнаа да се движат, во најважниот момент, кога имаше пандемија во Кина, д-р Тедрос, кога го купи кинеската влада, не можам да кажам повеќе, но можам да кажам дека врз основа на цврсти информации, беше постигнат договор“ по повод изборот на Тедрос за претседател на СЗО, рече Помпео – пренесува „Дејли телеграф“.
Според весникот, Помпео рекол дека „постоел договор за тој избор“.
И кога работите започнаа да се движат, имате мртви Британци заради договорот што беше склопен, додаде тој.
Помпео тоа го рече на состанокот организиран од британската аналитичка група Општество Хенри Џексон, кој „Тајмс“ го опишува како тврда струја кон Пекинг.
СЗО не е запознаена со ваквите изјави, но отфрламе каков било напад врз основа на неосновани тврдења, изјави портпарол на ОН за „Дејли телеграф“.
Пред две недели, САД покренаа постапка за повлекување од СЗО, бидејќи тие се незадоволни од нејзиното управување со пандемијата на коронавирусот.